18/03/2022
Важноста на денталната хигиена за децата не треба да се потцени. Дури и со привремени млечни заби, секојдневната хигиена на забите треба да биде приоритет, со цел да се воспостават здрави навики за орална нега што е можно порано и да се овозможи правилен развој на трајните заби, говорот и способностите за исхрана. Разбираме дека родителите сакаат да ја промовираат независноста на своето дете, а истовремено да се погрижат забите да останат здрави, затоа посочуваме неколку упатства кога станува збор за децата и здравјето на забите!
Доенчиња и мали деца💛
Пред да се појават забите во устата на вашето бебе, отстранувајте ги честичките од храната и бактериите со нежно бришење и масирање на непцата со топла крпа или со специјално дизајнирана четка за бебиња. Откако ќе им излезат првите запчиња, почнете да ги миете секојдневно со четка за заби со меки влакна наменета за соодветната возраст и мала количина на детска паста за заби не поголема од големината на зрно ориз. (Во ред е ако ја проголтаат оваа мала количина паста за заби.)
3-5 години💛
На тригодишна возраст, можете да почнете да користите количество паста за заби со приближна големина на зрно грашок. Охрабрете го вашето дете да ги исплакне запчињата. Потребна е асистенција на родителот при четкањето во овие рани години од животот за да се обезбеди темелно чистење. Сепак, тврдоглавите тодлерчиња можеби ќе сакаат да бидат самостојни. Слободно дозволете им да истражуваат и да си играат околу миењето заби со вода.
Возраст 6+💛
Околу 6-годишна возраст, повеќето деца се доволно одговорни и поседуваат рачна умешност темелно да си ги исчеткаат забите, иако можеби сè уште им треба помош при чистење со конец. Временската рамка во која родителот треба да помага во процесот, варира во зависност од потребите, зрелоста и индивидуалниот развој на секое дете. Потсетете го вашето дете на добра техника (“како што расте тревата и паѓа дождот”), надгледувајте за да бидете сигурни дека ќе ги дофати сите оние тешко достапни места, нека миењето трае доволно долго (колку што трае просечна песна-3 минути). Како родител, бидете добар пример со Вашата дневна орална хигиена, пофалете и охрабрете, и размислете да инвестирате во електрична четка за заби и конец дизајнирани за деца, па заедно создавајте здрави насмевки за цел живот. Запомнете дека Вашите деца по петтата година треба редовно да посетуваат стоматолог, два пати годишно, како и возрасните.
Ако имате какви било прашања во врска со здравјето на забите на Вашето дете или сакате да го закажете неговиот следен термин во нашата ординација, контактирајте не.
Ваш, JanevAesthetics.